Првата лезбејска прозна книга на македонски јазик и една од првите квир книги на македонската современа сцена е збирката раскази „Оргазмични писма“ од Ирена Цветковиќ. Книгата е објавена во 2008 од издавачка куќа „Ѓурѓа“. Се зборува дека интензивно се шверцувала по студентските домови.
Две исти тела споени на врвот на усните (како цреши близначки). Под кожата ми тече плунката нејзина. Ги затворам очите. Уморна покрај неа, сонам ѕвезди и бладам за моралност немоќно подавајќи се на допири. Зарем не се плашам од Бога? Конечно повеќе нема страв. Го чувствувам телото, моето тело веќе одлепено од усната на Ф. Само, самостојно, совршено.
извадок од расказот „Цреши близначки“
Дел од расказите, Цветковиќ ги објавувала на својот блог www.femgerila.com.mk, кој бил воедно првиот феминистички блог, под псевдонимот Алена. За името на сега-веќе-замрениот блог се инспирирала од еден графит што го видела на ѕид во Скопје кој гласел: „феминистичка герила во акција“. Со расказот „Шах“, Ирена победила на електронскиот книжевен конкурс Електролит организиран од страна на издавачката куќа Темплум.
Во поговорот, писателот и критичар Гоце Смилевски за Оргазмични писма вели:
И. Цветковиќ ја воведува во македонската книжевност темата која кај нас досега беше присутна само во траги – темата на лезбејската љубов. (…) Над носечките ликови од овие раскази секогаш е надвиснат законот воспоставен од околностите и од општествените норми, па тие грчевито се обидуваат да го ослободат своето тело од принудата тоа да биде површина означена со законот, со општествените барања, со обичаите и традицијата, со телесните навики. Пукнатината низ која до нив допира малку светлина е сексуалното задоволство, како и надевањето во некоја подобра иднина и поинакво опкружување.
Ирена Цветковиќ има докторирано родови студии на Универзитетот Евро-Балкан, каде што претходно магистрирала родови студии и социологија. Таа била млада волонтерка-асистентка на Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Како интердисциплинарна истражувачка, д-р Цветковиќ е авторка на бројни текстови и публикации од различни области на општествените науки, меѓу кои родови студии, анти-родово движење, медиуми, феминистички и квир теми. Нејзиниот јавен ангажман започнува со блогот Femgerila, а денес е редовна колумнистка во Призма. Покрај академската работа, таа активно се залага за човековите права на маргинализираните заедници, со фокус на маргинализираните жени, ЛГБТИQ лица, корисници на дроги, сексуални работнички и лица што живеат со ХИВ. Во моментов работи како независна истражувачка и доцентка на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје (ИОХН-С).














