Серијал
Кујната е просторија со сериозен багаж. Нѐ потсетува на неплатениот женски домашен труд, на правилата што нѐ учат на кого му е местото во кујна, а на кого му е забрането да се меша во „женските” работи. Но овој родово уреден простор има двојна улога — истовремено ја одржува и прекинува домашната рутина. Зад опојните мириси и тропањето на тави и тенџериња, често сме ги прислушкувале нашите мајки и баби како водат интимни, „срамни” разговори за (женски) теми што не можеле јавно да ги изговорат. Ова ја претвора кујната во пркосен простор на разменување искуства и совети „под маса” и градење неочекувани сојузништва, каде секој/а може да се пресрами и да си ја соголи душата, знаејќи дека кажаното нема да се суди и да отиде подалеку од тие четири ѕида.
Со серијалот {Курлинарски муабети} го истражуваме потенцијалот на кујната вон традиционалното—односно настраната кујна како место за експериментирање со нови рецепти за соживот и грижа. Серијалот го води шеф Чичо (Благица Петрова).
Фотографии на Ванчо Џамбаски



