Butchkuruzh
Butchkuruzh
  • Butchkuruzh
  • Салон
  • Бучкуруж
    • Истражување/Публикации
    • Едночинки
    • Продукција/Перформанс
  • Меморија
  • Библиотека
  • Испрати

ПРОЕКТИ

Истражување/Публикации

Кратка ѝсторија на првите лезбејски* клубови и кабареа

Кабарето се појавува во доцниот XIX век во Париз најпрво како приватно „уметничко кафуле“ каде што тогашните уметници си ги покажувале делата на кои работеле. Кабарето полека се шири во големите европски градови и се отвора кон поширока публика, но ја задржува интимната атмосфера и аматерскиот дух. Содржината се состоела од неколку изведувачи и кратки нумери — песни, комични и сатирични скечеви, пантомима, куклени претстави… Точките ги врзувал т.н. „master of ceremonies“ или „емси“ кој си поигрувал со присутните со итри досетки, често на сметка на (доминантно) буржоаската публика.

За прво кабаре се смета Le Chat Noir, отворено во 1881 година во Париз, а најчеста асоцијација за кабаре се ноќните клубови во Берлин во време на Вајмарската Република (1918-1933), како клубот Eldorado, како субверзивни, уметничко експериментални, политички ангажирани и ослободувачко еротични прибежишта за сите општествени отпадници.

Париз во 1920-тите бил родно место — или барем омилена дестинација — за многу познати (и богати) лезбејки: писателки, уметници, актерки, претприемачки, поетеси, аристократки, модели… па поради тоа има и богата и документирана лезбејска* ѝсторија и култура. Првиот лезбејски ноќен клуб е клубот Le Monocle — по „монокл“, тогаш популарен и препознатлив моден додаток помеѓу богатите лезбејки*, родово флуидни и современи жени кои сакале да им се спротивстават на воспоставените родови (модни) норми или едноставно да си ја изразат својата (привилегирана) екцентричност:)

Le Monocle го водела Lulu de Montparnasse која ѝ направила услуга на целата лезбејска* заедница кога во 1032 година го поканила фотографот Brassaï да го посети клубот. Пред Монокл имало редици, а внатре ги чекал женски оркестар. Меѓутоа, полицијата постојано ги држела вработените на око.

Трач: во Le Monocle менаџерката Фрер ја запознава Марлен Дитрих во 1936 година и тие стануваат љубовници пред војната. Дитрих, која била редовна гостинка и изведувачка на кабаре сцената, ѝ помага на Фрер да го отвори првото женско кабаре во Париз—односно кабаре во кое било прифатливо да има жени крос-дресери — La Silhouette.

Берлин доживувал своја ренесанса. По години на инфлација и економска криза, луѓето масовно се доселувале во градовите во раните 1920-ти. Како главен град, Берлин нудел слобода и заедништво, коишто ретко постоеле во руралните средини—мали, скриени џебови каде што сексуалната и родовата трансгресија биле прифатени, меѓу другото и за лезбејките и оние кои во тоа време се нарекувале „(женски/машки) трансвестити“ — термин кој сега веќе е застарен — лица социјализирани како жени кои носеле типично машка облека или обратно. Во 1919 година, сексологот Магнус Хиршфилд го основал познатиот Институт за сексуална наука во Берлин — кој бил уништен до темел од нацистите во 1933 година.

Особено значајно било сојузништвото меѓу лезбејките и трансвеститите кои развивале афинитети кон нивниот начин на себеизразување (преку облеката) и меѓу кои се чувствувале комотно да бидат свои. Сите форми на трансродовост биле неизоставен дел од берлинската кабаре (квир) сцена — самата по себе „свет во транзит“.

Овие социјални простори на политичка трансгресија замираат низ Европа и САД под напливот фашизам, рациите на нацистите и почетокот на Втората светска војна, за потоа одново да бидат обмислени во други форми.

@butchkuruzh

Извори: 

Zijp, D. (2025). Introduction – The allure of cabaret: local and global perspectives on a living tradition. Comedy Studies, 16(1), 1–11. https://doi.org/10.1080/2040610X.2025.2481734

Medhurst, E. (2024). Unsuitable: A History of Lesbian Fashion. Icon Books.

Bergmann, S. (2022). “Before the terror, there was glitter: The queer haven that was 1920s Berlin”. The Game Magazine.

ГАЛЕРИЈА

Le Monocle, Brassai, Paris 1920s
Le Monocle, Brassai, Paris 1920s
Lady Una Troubridge, насликана од Romaine Brooks (1924)
Берлин, барот „Елдорадо“
Берлин, барот „Елдорадо“
Истражување/Публикации 2026 Кратка историја на лабрисот ПРЕТХОДЕН ПРИЛОГ Истражување/Публикации 2026 Настраниот потенцијал на Поганите денови СЛЕДЕН ПРИЛОГ

follow us on
@butchkuruzh

или пишете
ни на

Envelop