Butchkuruzh
Butchkuruzh
  • Butchkuruzh
  • Салон
  • Бучкуруж
    • Истражување/Публикации
    • Едночинки
    • Продукција/Перформанс
  • Меморија
  • Библиотека
  • Испрати

ПРОЕКТИ

Истражување/Публикации

Настраниот потенцијал на Поганите денови

Постои време во годината кога светот не е сосема свој и препознатлив. Сѐ уште не е ниту стар, ниту нов. Во фолклорната меморија на овие простори, периодот околу зимската краткоденица (крај на декември — почеток на јануари) се сметал за преоден или лиминален, односно време кога завршува стариот циклус, а новиот чека да започне.

Овие денови се нарекувале погани денови, но не во смисла на „злобни” или „пакосни”, туку „диви” и „нескротливи”, вон контрола на боговите и луѓето. Се верувало дека тогаш поредокот бил привремено суспендиран, а границата меѓу светот на живите и мртвите била разнишана. Се сметало дека во овие месеци кога природата е „мртва“ доаѓале нашите предци за да го помогнат повторното раѓање и доаѓањето на пролетта, а на земјата незауздано шетале натприродни сили (караконџули, вампири, навјаци, самовили…) кои влегувале во домовите, седнувале на трпезите и се обидувале да им напакостат на луѓето кои морале да бидат претпазливи и да се штитат.

А како се штителе? Создавале ритуали на преправање и маскирање, правеле бучава и палеле огнови, оделе по куќите за да ги бркаат лошите сили со песна и танц и ги превртувале родовите улоги со преоблекување. 

Со христијанизацијата, Црквата не ги укинува целосно овие верувања, туку ги прилагодува и ги „прекрстува” паганските практики. Така, периодот од 7 јануари или Божиќ (Исусовото раѓање) до 19 јануари или Водици (неговото крштевање) станува познат како некрстени денови. Имало и теолошко објаснување: во овој период, Христос е роден, но сè уште не е крстен, па светот е во состојба на духовна „непрочистеност“ сѐ дур водите не бидат осветени. 

На територијата на Македонија, како и пошироко на Балканот, овие денови се исклучително живи во фолклорот: преку бадникови огнови, коледарски песни и маскирани поворки (џамалари, бабари, василичари..). 

Овие обичаи, во кои родовата трансгресија е исклучително присутна — дали преку маски или преку еротски песни и танци—ја превртуваат секојдневната хиерархија и во центарот го ставаат задоволството и лиминалноста на телото на кое му е дозволено да биде гласно, гладно, грдо, смешно, животинско, накитено, извитоперено.. и да ги предизвикува границите на пристојното и „нормалното“. Овие обреди (или, по верски, традиции и адети) создаваат и допуштаат една колективна катарза пред враќањето на „редот“ по Водици.

Ако ги читаме поганите / некрстени денови квир-ѝсториски, тие се: време надвор од нормата; простор на дозволена родова девијација и телесна непослушност и чудовишност („абнормалност”); привремен прекин на хетеронормативниот и патријархалниот поредок.

За жал не сосема, бидејќи во овие пагански обреди и христијански традиции често смееле да учествуваат само мажите (пр. „русалиите“ биле мажи кои се маскирале, играле специфични ора по улиците и замавнувале во воздух со сабјите за да ги избркаат злите сили, а за возврат биле гоштевани во домовите). Потоа, само мажи се фрлаат по крстот на Водици (пинг филмот Господ постои, името ѝ е Петрунија). Родовата трансгресија и телесните ексцеси се повторно поприфатливи за мажите, чиешто тело може да биде експонирано. Жените имале свои домашни, заштитни ритуали и паралелни, интимни обреди кои речиси и не се документирани.

Можеби токму субверзивниот потенцијал на поганите денови е причината зашто се временски ограничени. Ако потраат, ризикуваат да покажат дека редот и поредокот не се природни, туку општествено договорени и наметнати. Сепак, скриени зад верски адаптираните „некрстени денови“, поганите денови секоја година одново нѐ потсетуваат дека под официјалната историја постои друга — телесна, непослушна, колективна ѝсторија во која да се биде „прибрана“ и „нормална“ е само една од можните маски на живеењето.

@butchkuruzh

Извори:

Дел од информациите и идејата за оваа објава произлегоа од интерно предавање на Лени Фрчоска за Бучкуруж на тема субверзивноста во словенската митологија и македонскиот фолклор, чие знаење ни служеше како инспирација во подготовките на концептуалната ДНО забава „Погани денови“.

Некрстени денови, Respublika.mk

Некрстени денови – Период на дејствување на Русалиите (YouTube). Институт за фолклор „Марко Цепенков”.

ГАЛЕРИЈА

Моми во народна носија
Карневалска фотографија
Фотографија од Вевчански карневал
Истражување/Публикации 2026 Кратка ѝсторија на првите лезбејски* клубови и кабареа ПРЕТХОДЕН ПРИЛОГ

follow us on
@butchkuruzh

или пишете
ни на

Envelop